Побрзо спроведување иновативни општински решенија преку примена на искуства и практики од земјите-членки на ЕУ е тема на презентацијата што утре во „Касарна-Хаб“ во Охрид ќе биде одржана преку програмата „ЕУ за општините“. Петмина консултанти од Германската асоцијација за менаџмент-консалтинг БДУ (Bundesverband Deutscher Unternehmensberatungen) пред неколку општини во Северна Македонија ќе имаат свои прадавања и три работилници – предвидени за во Охрид, Велес и Кавадарци. БДУ е најголемата организација која ја претставува германската консултантска индустрија со 34,6 милијарди евра приход и 230 илјади вработени. Најдобрите германски практики ќе ги презентираат Каи Хаке, извршен директор на Асоцијацијата, на тема „Како да се работи со консултанти: Деловна етика, критериуми за квалитет, добро владеење“, потоа Мајкл Хофнагел, поранешен градоначалник на Таунусштајн на тема „Придобивки од меѓуопштинската соработка: Формална и неформална соработка, институционална поставеност, вклученост на приватниот сектор, дигитални услуги за студија на случај, туристички регион за студија на случај“, Кристијан Лејер, експерт за градење на дигитални стратегии – „Општинска дигитализација сега „Фактори за успех на дигитализацијата, соработка наспроти конкуренција, технички и правни аспекти, сајбер безбедност, стратегија за имплементација, студија на случај за дигитален сервисен центар“, како и Кристина Плоц и Јоханес Брунинг на темата „Еден билет за сите: Улогата на здруженијата за јавен транспорт и центрите во креирање на нов вид на превоз и урбана мобилност, поделба на приходите меѓу операторите, студија на случај ’Германски билет’.
На презентацијата ќе биде претставена и Бонската декларација за интегритет на консултантски услуги за јавни клиенти изготвена од Германската асоцијација за менаџмент консалтинг, осмислена со цел градење етички односи помеѓу јавните институции, приватните компании и индивидуалните консултанти. Како што појаснуваат од „Касарна-Хаб“, во текот на посетата германските експерти ќе имаа работни состаноци во Скопје, како и во општините Велес, Кавадарци и Охрид. „ЕУ за општините“ е програма на Европската Унија што непосредно ги поддржува локалните самоуправи во Северна Македонија преку грантова шема со вкупна вредност од пет милиони евра, а која им овозможи на осум општини да добијат грантови финансирани од ЕУ во износ до 800 илјади евра.
Целта на Програмата е да обезбеди поддршка на општините за подобрување на услугите на локалната самоуправа преку иновативни концепти, како и да придонесе кон локалниот економски и социјален развој на општините преку воведување иновации во развојот на нивните политики, планирањето, управувањето и капацитетот за испорака на услуги. Европската Унија обезбедува 85 проценти во финансирањете на тие грантови, додека Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за соработка кофинансираат до 15 приценти од вкупните прифатливи трошоци на односните проекти.