Ахмети до евроамбасадорот Рокас: Предвремените избори заедно со локалните се единственото решение за оваа тешка ситуација

Во седиштето на Демократската унија за интеграција во Тетово, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го примил  амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас. Од партијата велат дека Ахмети и Рокас нашироко разговарале за сите политички прашања во нашата земја, за неопходните реформи за европска интеграција, за легитимитетот и Охридскиот договор, како и за евентуални предвремени избори.

-Ахмети го информирал амбасадорот Рокас дека ДУИ е партија која ни за момент не се колеба од својата евроатланска дефиниција и ориентација.

За нас евроинтеграциите се без алтернативи и ДУИ дава целосна поддршка за продолжување на преговорите и спроведување на реформите без никакво одлагање и со политички консензус.

Во однос на Охридскиот договор, Ахмети потсети дека ЕУ и САД се гаранти на мировниот договор и дека меѓуетничките односи се многу оптоварени со непромислените чекори на владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност итн, стои во партиското соопштение за средбата.

Според ДУИ, Ахмети му порачал на евроамбасадорот дека С. Македонија и Македонците не изгубија ништо од рамноправноста со Албанците, а државата воопшто не е оштетена од спроведувањето на Охридскиот договор.

-Политичкиот дијалог во државата мора да го почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија. Ахмети повтори дека решението за оваа тешка ситуација се заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година, посочуваат од партијата од Мала Речица.

Слични објави