Ревизијата на програмата за сексуалното образование во средно училиште, изборниот предмет „Здравје и заштита на здравјето“, која следуваше по повлекувањето во септември, предизвика реакции и од академската заедница.
Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на УКИМ бара пред почетокот на примената да се направи дополнителна ревизија и да се врати терминот „род“. Институтот посочува дека една од најдоследните промени во однос на претходната верзија е отстранувањето на поимот „род“ и изведените термини како родова рамноправност, родови улоги, родови стереотипи и родово базирано насилство. Според нив, ова не е само терминолошко поедноставување, туку концептуален пропуст, бидејќи програмата и понатаму бара од учениците да ги разликуваат биолошките карактеристики од општествените очекувања и улоги, но не им го дава научниот поим со кој се објаснува таа разлика.
„Програмата бара анализа на структура, а истовремено го одзема поимот што ја именува структурата“, наведуваат од Институтот. Оттаму оценуваат дека без оваа терминологија учениците добиваат содржини за стереотипи, предрасуди, дискриминација и насилство, но без концептот што ги поврзува и објаснува.
Институтот предупредува и на правна недоследност бидејќи терминот „род“ веќе се користи во домашното законодавство, вклучително и во законите за еднакви можности, за спречување и заштита од дискриминација и за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Како аргумент ја наведува и Истанбулската конвенција, која ја обврзува државата да вклучува образовни содржини за нестереотипни родови улоги, еднаквост и спречување насилство.
Од Институтот нагласуваат дека не се против новата програма, туку бараат таа да биде научно и правно усогласена. Предлагаат Министерството за образование и Бирото за развој на образованието да го вратат терминот „род“ и сродните поими, јасно да ги дефинираат во воведниот дел и да отворат консултативен процес со академската заедница. Институтот нуди и стручна помош при подготовката на дефинициите, прирачникот за наставници и обуките.
Бирото за развој на образованието ја ревидираше програмата за Сеопфатно сексуално образование, која сега го носи името „Здравје и заштита на здравјето“. Во новата верзија се отстранети термините „сексуално образование“, „род“ и „сексуални права“ од називите на темите и наставните единици. Темата „Род и родова рамноправност“ сега е именувана само „Рамноправност“, а лекцијата за родова еднаквост, родови стереотипи, дискриминација и сексизам е заменета со лекција за стереотипи, предрасуди и дискриминација. „Сексуално и репродуктивно здравје“ е преименувана во „Репродуктивно здравје“, додека темата „Сексуални и репродуктивни права“ сега се вика „Права и одговорности поврзани со здравјето“.