Четири лица загинале во тешка сообраќајна несреќа што доцна синоќа се случила во провинцијата Асти, Италија, јавуваат италијанските медиуми. Според тамошните информации, се работи за еден Италијанец и тројца македонски државјани.
Во несреќата учествувале два автомобили. Во едниот бил една од жртвите, 23-годишен Италијанец, додека во другиот се наоѓале другите тројца загинати за кои италијанските медиуми објавија дека се 30-годишници кои се македонски државјани.
Судирот помеѓу возилата се случил на тесна и опасна кривина на која имало многу тешки сообраќајки и порано, а возилата се целосно уништени.
На местото на несреќата околу 22 часот интервенирале две противпожарни екипи и сообраќајната полиција. Сè уште не е позната причината за несреќата, но италијанските медиуми велат дека „со сигурност“ станува збор за фронтален судир.