Турција го аминуваше пристапот на Финска во НАТО

од Вести365.МК Ј.Р.

Турскиот парламент го одобри предлог-законот за ратификација на протоколот за пристапување на Финска во НАТО, јави турската државна телевизија ТРТ-Хабер.

Пратениците во Меџлисот доцна синоќа го одобрија предлог-законот. Сите 276 учесници на состанокот го поддржаа предлог-законот.

На овој начин Финска доби правна основа за полноправно членство во алијансата.

За време на пленарната седница турските пратеници констатираа дека во оваа фаза нема сериозни проблеми во односите меѓу Турција и Финска од аспект на интересите на Анкара во борбата против тероризмот. Во исто време, народните претставници истакнаа дека Шведска, која аплицира за членство во НАТО заедно со Финска, досега не ги исполнила барањата во рамките на меморандумот потпишан со Турција и се уште не е подготвена да стане дел од алијансата.

Досега Турција беше последната членка на НАТО која не го одобри барањето на Хелсинки за влез во алијансата.

Одобрениот текст ќе биде испратен на одобрување до претседателот Реџеп Таип Ердоган, пренесува ТРТ-Хабер.

Финска и Шведска во мај минатата година аплицираа за влез во НАТО по руската инвазија на Украина. Членката на Алијансата Турција се спротивстави на нивното приклучување бидејќи вели дека двете земји се домаќини на организации кои ги смета за терористички. Стокхолм и Хелсинки негираат дека засолнуваат терористи, но ветија дека ќе соработуваат со Анкара за надминување на овие проблеми.

Слични објави