Советниците повторно не го одобрија предлогот на Арсовска за набавка на еко автобуси

од Вести365.МК | Е.Д.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска, денеска повторно не беше поддржана од советниците од Советот на Град Скопје по однос на нејзиното барање да се обезбеди кредит од десет милиони евра за набавка на еколошки автобуси. Советниците по втор пат го одбиваат барањето на градоначалничката иако таа пред почетокот на седницата на чиј дневен ред се најде и оваа точка апелираше до советниците да го поддржат она што тие го ветиле, а граѓаните го избрале на последните локални избори во 2021 година, и побара од советниците да дејствуваат во корист на граѓаните.

Предлогот го поддржаа 14 советника, додека ниту еден советник не гласаше „против“ или „воздржано“.

Советници не го поддржаа ниту предлогот на скопската градоначалничка за доделување на субвенции на граѓани кои сакаат да набават ековозила на електричен или хибриден погон.

Овој предлог го поддржаа пет советници, тројца беа „против“, а еден гласаше „воздржано“.

По седницата, од кабинетот на Арсовска преку писмено соопштение изразија жалење за, како што велат, одлуката на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ повторно да си ги задоволат партиските лидери и здружено да работат на штета на скопјани.

„Сите балкански и европски метрополи континуирано го обновуваат возниот парк, но таму нема ликови на кои ‘медот’ им е поважен од благосостојбата на граѓаните“, се вели во соопштението од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека иако на советниците им била дадена можност самите да ги изберат условите за кредитирањето на проектот и спецификациите за набавка на автобусите, сепак, велат дека партиите се одлучиле да продолжат со своето деструктивно однесување.

Наместо да надвладее разумот, надвладеа суетата на двете најголеми политички партии во Македонија. Сметаме дека е крајно лицемерно советниците кои граѓаните ги плаќаат со 500 евра месечно, да не покажат апсолутно никаква грижа за истите тие граѓани, се додава во соопштението од Градот Скопје.

Слични објави