Вечерва во рамки на 28. коло во Серија А, фудбалерите на Сасуоло го пречекаа тимот на Торино. Во првите 60 минути, домашните беа подобар ривал, но сепак Торино успеа да изедначи и мечот заврши со резултат 1-1 (1-0).
Пинамонти го отвори резултатот во 36. минута за домашните, кои водеа со 1-0 на полувремето. Второто полувреме беше поактивно и Торино успеа да изедначи преку Санабрија во 66. минута. Сасуоло имаше еден поништен гол поради офсајд во 58. минута. Сасуоло е на 12. место со 37 бодови, а Торино е на 10. место со 38 бодови.

Вториот меч од вечерта, дуелот помеѓу Емполи и Лече, беше одложен за еден час откако пред почетокот на мечот изби пожар на стадионот на Емполи. Откако тој беше саниран, мечот започна и Емполи го победи Лече со 1-0. Капуто реализираше удар од 11 метри во 62-та минута за домашните, кои беа значително подобар противник.
Лече не успеа да упати ниту еден удар во рамките на голот на Емполи. Домашните имаа дури седум конкретни обиди. Емполи е на 14. место со 31 освоен бод, а Лече е на 16. место со 27 бодови и продолжува со очајната серија од пет порази во низа.