Се одложи првото рочиште од судењето на Латас и Лазаров

од Вести365.МК | Е.Д.

Се одложи денешното прво судско рочиште за случајот против новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, кои се обвинети за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систeм.

Судењето се откажа откако одбраната на Латас бараше увид во списите на предметот, како и поради тоа што неговата единствена адвокатка во случајот денеска е зафатена со рочиште во предмет од организиран криминал на кое се сослушуваат сведоци.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска, во координација со странките, како датум за следно рочиште го даде 10 мај 2023 година.

Обвинението против двајцата следуваше по гостувањето на Латас во поткастот на Лазаров во кој тој раскажуваше за сексуално искуството со девојка во своите тинејџерски години, што предизвика бура реакции во јавноста поради стимулирање насилство и родова дискриминација.

„Двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак, не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“,рекоа од ОЈО Скопје на 21 февруари кога го поднесоа обвинението.

Со поднесувањето на обвинението обвинителството бараше, а судот прифати одземање на пасошот на Латас, а двајцата добија забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал.

Слични објави