Петти избори за две години во Бугарија

од Вести365.МК Ј.Р.

Бугарите денеска гласаат на петтите парламентарни избори за период од две години, среде растечкото незадоволство од политичките елити за кои многумина сметаат дека не се подготвени да се справат со корупцијата и економските реформи.

Анкетите покажуваат дека и по овие избори, Бугарија нема да има функционално парламентарно мнозинство, ставајќи ги во опасност своите амбиции за приклучување кон еврозоната во блиска иднина. Најголемите шанси за победа им се даваат на ГЕРБ на Бојко Борисов и неговиот мал партнер Унија на демократски сили, како и на новоформираната коалиција на Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија.

„Кој и да победи од нив, тоа не го решава големото прашање – какви се шансите за формирање влада. Досега имавме четири привремени парламенти, што јасно кажува дека во моментов не постои политичка сила која би имала апсолутно мнозинство или доволно голема предност за да ја спроведе својата агенда“, вели аналитичарката Геновева Петрова.

Двете коалиции се израмнети во анкетите, 26,2%, наспроти 25,6%, додека на третото место е националистичката партија Преродба со 12,8%. Во прашање може да дојде и бугарскиот став кон руската инвазија во Украина. Двете водечки коалиции сакаат Бугарија да го задржи својот проукраински став, додека претседателот Румен Радев се залага за понепристрасен пристап.

Слични објави