Лице кое било вработено во тетовската болница како анестезиолог во живо на социјалната мрежа Тик-Ток пренесувал видео од одделот за гинекологија на кое може да се забележат и пациентки, јави ТВ21.
Телевизијата го верификувала видеото и добила потврда дека е снимено во тетовската гинекологија, а лицето што го направило видеото е ангажирано на одделението каде се прекинува бременост.
Подоцна телевизијата јави дека лицето кое во живо на Тик Ток покажуваше пациентки по сали, било приведено. Камерата на ТВ21 сними како тој излегува од полициското возило и се упатува кон полициската станица за да даде изјава.
Случајот во полицијај го пријавил директорот на болницата Пелумб Вела кој за телевизијата изјави дека ја осудува постапката и очекува органите на прогонот што побрзо да го решат овој случај.
„Овој настан за нас не е разбирлив и го осудуваме секое непрофесионално однесување на медицинскиот персонал кон пациентите“, рече Вела за ТВ21.