Навални е во „КРИТИЧНА“ состојба – Постојат сомнежи дека е отруен

од Вести365.МК Ј.Р.

Алексеј Навални, најистакнатиот опозициски политичар во Русија, се бори со силни стомачни болки во затвор. Тие болки би можеле да бидат последица на труење со отров со бавно дејство, изјави неговиот близок соработник Руслан Шавединов. Тој рече дека минатата недела била повикана брза помош во максимално безбедносната казнена колонија ИК-6 во Мелехов, околу 250 километри источно од Москва, каде што е затворен Навални.

„Неговата ситуација е критична, сите сме многу загрижени. Знаеме дека ситуацијата сигурно била многу лоша доколку била повикана брза помош“, изјави Шавединов за Гардијан, додавајќи дека затворските власти одбиле да го примат Навални во болница.

Советот на Европа во петокот соопшти дека е „исклучително загрижен“ поради „брзото влошување“ на здравјето на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални. „Исклучително сме загрижени поради информациите дека здравствената состојба на Алексеј Навални, кој е во затвор во Русија повеќе од две години, по обидот за труење брзо се влошува“, се вели во соопштението за медиумите на генералниот секретар на Советот на Европа (СЕ) Марија Пејчиновиќ Буриќ, претседател на Парламентарното собрание Тини Кокс и претседателот на Министерскиот комитет на СЕ, исландскиот министер Тордис Колбрун Рејкфјорд Гилфадотир.

Вадим Кобзев, адвокатот на Навални, во вторникот изјави дека тој боледува од „непозната болест поради која никој не го лекува“. Неговите соработници тврдат дека Кремљ се обидува полека да го „убие“.

Слични објави