Двестотини средношколци од скопската гимназија „Орце Николов“ останале заглавени десетина часа на унгарскиот граничен премин Хоргош додека патувале на екскурзија, а биле пропуштени дури денеска во 10 часот изутрина.
Како што објави СДК, родители се пожалиле дека децата биле оставени без храна и со ограничена количина вода на пат кон Братислава и Прага со 4 автобуси, а им било барано и по едно евро за да одат до тоалет.
Граничниот премин Хоргош е и влез во Европската унија и Шенген зоната и е озлогласен по лошиот третман на патниците кои оттука влегуваат во ЕУ, и затоа поголемиот дел туристички агенции од Македонија на турите за Словачка и Чешка го избегнуваат и го земаат подолгиот пат преку Хрватска.
Вознемирените родители бараат македонското МНР да реагира до унгарските гранични власти.