Политиката на отворени врати на НАТО и проширувањето на ЕУ е значаен значаен влог во регионалната стабилност, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи кој беше домаќин на традиционалниот НАТО појадок по повод одбележувањето на почетокот на НАТО деновите во Македонија, на третата годишнина од нашето членство.
– Денес во присуство на нашите сојузници и партнери одбележуваме три години од членството на Северна Македонија во Алијансата, додека на 4-ти април ќе ја чествуваме 74-годишнината од основањето на Организацијата на Северноатлантскиот договор или Денот на НАТО. Со тоа ја продолжуваме традицијата – секоја година од 27-ми март до 4-ти април да се одржуваат Денови на НАТО посветени на заедничките успеси и постигнувања, но и предизвиците со кои сојузниците и Алијансата се соочувале низ годината, рече Османи.
Во своето обраќање, тој ги истакна придобивките од членството на земјава во НАТО, оценувајќи го како историски успех и најзначајно надворешно – политичко постигнување. Притоа нагласи дека нашето членство во Алијансата е особено значајно за регионалната безбедност и стабилност, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
– Регионот на Западен Балкан е особено изложен на стратегиска конкуренција и на малигно влијание на трети страни кои се обидуваат да ги искористат слабостите и недовршената евро-атлантска интеграција со цел да остварат свои стратешки интереси. Решението се наоѓа во засилени демократски реформи со цел да се зајакне отпорноста, но и во засилена и координирана соработка на НАТО и ЕУ во заокружувањето нa евроатлантската интеграција на Регионот и комплетирањето на демократската трансформација, изјави Османи.
Пред високите владини функционери, претставниците на дипломатскиот кор и на други значајни институции во земјава се обрати и премиерот Димитар Ковачевски кој како дел од придобивките на членството во НАТО говореше за странските директни инвестиции кои лани беа во висина од 753,8 милиони евра, или двојно повеќе во однос на 2016 година, како и отварањето на над 10.000 работни места технолошко-индустриските развојни зони.
– Со членството во НАТО и почетокот на преговорите со Европската Унија, со концептот за еднакво општество дома, со храбрите, но и државнички одлуки со коишто ги заштитивме идентитетските одредници и националниот идентитет, со функционалните политики на дијалог и разбирање, Република Северна Македонија денес е фактор на стабилноста на Западен Балкан. А јасно е дека евратлатската ориентација на регионот е потребна и во функција на европските мир и стабилност и во насока на просперитетот, рече Ковачевски.
Како специјален гостин се обрати и амбасадорката на Украина, Лариса Дир, која изрази благодарност за помошта што Северна Македонија ја обезбедува за Украина, нагласувајќи дека истата е од витално значење за украинските бранители, кои по цена на сопствениот живот ја бранат и Украина и демократските вредности.