„Осум тешки години на конфликт во Јемен уништија животи на милиони деца. На околу 11 милиони деца во земјата им е потребна хуманитарна помош. Доколку не се преземат итни мерки, милиони се изложени на ризик од неухранетост“, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.
Се додава дека состојбата на децата бегалци е крајно загрижувачка.
Во соопштението се наведува дека има повеќе од 2,3 милиони деца чии основни потреби не можат да се задоволат во бегалските кампови.
Јемен е жариште на конфликти и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење Хути ја презеде контролата врз поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана. Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа на страната на јеменската влада и почнаа да вршат воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Јемен е една од најсиромашните земји, а војната во таа земја доведе до ужасна и една од најдлабоките хуманитарни кризи во светот. /МИА