Една година од масакрот во Буча

од Вести365.МК Ј.Р.

Украинците денеска ја одбележуваат првата годишнина од ослободувањето на градот Буча од руската армија, а претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека Киев никогаш нема да им прости на одговорните за, како што рече, злосторствата во градот.
Украинските сили ги вратија Буча и Ирпин во близина на Киев на крајот на март минатата година, а меѓународни истражители сега собираат докази во тие и други градови каде, како што тврдат украинските власти, руските војници извршиле големи злосторства.

Русија ги негира обвинувањата, а откако Украина ја презеде контролата врз Буча, се појавија фотографии од тела на улиците.

Киев тврди дека руските сили го држеле градот 33 дена и оти за тоа време биле убиени 1.400 луѓе, меѓу кои 37 деца.

– Повеќе од 175 луѓе беа пронајдени во масовни гробници. Сведоци сме на 9.000 руски воени злосторства. Денеска се навршуваат 365 дена откако Буча повторно е слободна, рече Зеленски.

Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ изјави дека „денеска се навршува една година откако руските сили извршија страшни злосторства во Буча и Ирпин“.

– Овие злосторства засекогаш ќе останат во колективната меморија на Европа. Додека руската агресија продолжува, други украински градови се соочуваат со слични злосторства. Ова нема да остане неказнето. Виновниците мора да бидат изведени пред лицето на правдата, нема да има мир додека одговорните не бидат изведени пред лицето на правдата. Советот на Европа, во соработка со Украина, ќе направи се за да се спроведе компензација за жртвите и одговорните да се изведат пред лицето на правдата, се вели во соопштението на Пејчиновиќ Буриќ.

Слични објави