Обвинителката Вилма Русковска е пред разрешување откако Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност донесе решение според кое ја прогласи за одговорна за дициплинска повреда.
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по спроведената дисциплинска постапка против три јавни обвинителки и разгледување на извештајот на обвинителот-известител, донесе Решение со кое:
– За поранешна основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители.
– За една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда е изречена дисциплинска мерка – намалување на месечна плата во висина од 30% од исплатената нето плата во траење од 6 месеци.
– За една јавна обвинителка Комисијата одлучи да ја ослободи од одговорност, бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство.
Против Решението на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција незадоволните страни имаат право на жалба пред Советот на јавните обвинители.