Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека од денеска започнува реализацијата на Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д. Владата за негова изградба потпиша договор со Бехтел и Енка.
„Со реализација на овој најголем инфраструктурен проект се заокружува коридорското автопатското поврзување на Република Северна Македонија со Европа и со регионот. Тоа значи полесно движење на стоки, услуги и капитал, но и најважно безбедно одвивање на сообраќајот“, се наведува во соопштението од Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека има проблематични делови од договорот, а штетите ќе се плаќаат со народни пари.
„Зошто прифатиле дивоградбите да се експроприраат по иста цена, како и легално изградените објекти и уште многу зошто во периодот којшто следи ќе покажуваме во јавноста зошто прифатиле грешките во проектот на изведувачот да ги плаќаат граѓаните, односно да се плаќаат преку јавното претпријатие за државни патишта, ќе треба да одговорат ако не сега, многу бргу со формирањето на новата влада на ВМРО ДПМНЕ пред истражните органи во обвинителството и на суд“, рече Мицкоски за време на посетата на тетовскиот регион.
Мицкоски додаде дека договорот треба да биде споделен со македонската јавност. Објаснувањето на првиот вицепремиер и координатор на проектот Артан Груби беше дека никаде во светот каде што Бехтел и Енка склучувале договори не биле јавно објавени.Проектот со „Бехтел и Енка“ е во вредност од над 1,3 милијарди евра.