Сметаме дека е национална, верска и човечка обврска да апелираме до сите жители на нашата општина да излезат мазовично да гласаат во недела, се вели во апелот на фејсбук страницата Shoqata për f. Çellopek – Zvicër (Здружение за село Челопек – Швајцарија) од пред некој ден.
Вчера, пак, на истата страница се споделени фотографии од полни авиони со кои албанската дијаспора се враќа за да гласа на вонредните локални избори во Брвеница.
За родното место нема замор, постои само љубов. Честитки до сите жители на нашата општина, кои покажаа единство и државјанство на највисоко ниво. Заедно покажавме како демократски процес може да се развива на најдобар можен начин. Бог нека ги награди сите оние кои придонесоа за оваа победа. Бог нека го заштити нашиот мергатен од секое зло. На новиот градоначалник на општината г-дин Аркин Јахији и неговиот тим им посакуваме успех во следниот мандат. Сега треба работа да се направи, пишува на објавата.
Со оваа честитка јасно се потврдуваат гласините дека за време на изборниот ден во земјава пристигнале два чартер-летови со гласачи кои наводно дошле да го поддржат кандидатот на ДУИ и сè појасно е како ДУИ стигна до градоначалник во Брвеница.
Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, е новиот градоначалник на Брвеница, откако на вчерашниот втор круг освои 4.442 гласа, наспроти 4.177 гласови за Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу кандидатите изнесува 265 гласа.
Јахији, синоќа по објавувањето на резултатите изрази особена благодарност на граѓаните во дијаспората кои придонеле за неговата победа.
Ѝ благодарам на нашата драга дијаспора, која не штедеше ништо. Бог нека ве награди. Ние ќе бидеме вашиот глас во татковината. Денес излеговме со кренати глави. Немам зборови да ја опишам оваа емоција, рече Јахији.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по изборите во Брвеница оцени дека партијата настапила „сама против сите“ и со изборна програма и концепт, додека, според него, противниците се потпирале на демографијата, националната карта и кандидати кои одвлекувале гласови.