Тензична ноќ во Полска: Навроцки се проби во Уставниот суд и им порача на судиите „не сте судии“

од Вести365.МК Ј.Р.

Полскиот претседател Карол Навроцки доцна синоќа влезе во зградата на Уставниот суд во Варшава, откако претходно го прекина патувањето за Сенегал и се врати во земјата. На снимките објавени од полските медиуми се гледа како тој, опкружен со обезбедувањето, се пробива низ насобраните лица на влезот.

Внатре се соочил со судијката Ана Корвин-Пјотровска и со други судии избрани од актуелното парламентарно мнозинство. На видеото се слуша како таа вели: „Ние сме судии на Уставниот суд“, на што Навроцки одговара: „Вие не сте судии на Уставниот суд“. Претседателот и неговите соработници не го признаваат нивниот статус, додека тие тврдат дека имаат право да ја преземат работата на Судот.

Тензичната ноќ следуваше по објавата дека претседателот на Судот, Богдан Свјенчковски, и неговиот заменик, Бартошеј Сохањски, се суспендирани од должностите. Одлуката ја соопшти Корвин-Пјотровска, но досегашното раководство на Судот ја оспори. Полицијата беше распоредена пред зградата, а тројца демонстранти беа приведени по инцидентите во кои дел од насобраните ја пробиле оградата и фрлале предмети кон полицајците.

Пред Судот се собраа поддржувачи на опозициската партија Право и правда (ПиС), меѓу нив и нејзини истакнати политичари. Настаните ја продлабочија конфронтацијата меѓу претседателот Навроцки и владата на премиерот Доналд Туск околу составот и контролата врз една од најважните уставни институции во земјата. Владата ја оправдува постапката со потребата од враќање на владеењето на правото, додека опозицијата ја нарекува напад врз уставниот поредок.

Опозициски медиуми во Полска обвинија дека јавниот сервис TVP не известувал за случувањата во клучните часови од ноќта, додека неколку десничарски приватни телевизии емитувале прилози од пред Судот. Тврдењето за известувањето на јавниот сервис беше дел од пошироките реакции околу тоа како медиумите ја следеа кризата.

Слични објави