Околу два тона небезбедно месо и месни производи се одземени при вонредни инспекциски контроли во Радовиш, додека во неготинското село Пепелиште инспекторите заплениле дополнителни 50 килограми месни производи кои биле произведувани без одобрение и продавани преку социјалните мрежи, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Инспекциските служби вчера извршиле контроли во малопродажни објекти за месо, подготовки и преработки од месо на подрачјето на Радовиш, како и кај физичко лице во Пепелиште.
При контролите во Радовиш биле откриени и одземени околу два тона небезбедно свежо и замрзнато месо, како и подготовки од месо. Според АХВ, запленетите количини денеска треба да бидат уништени на депонијата „Дрисла“ во Скопје.
Во Пепелиште, пак, инспекторите откриле лице кое без одобрение од Агенцијата произведувало димени месни производи и чварки, а потоа ги продавало преку социјалните мрежи.
Од лицето биле одземени 50 килограми месни производи, меѓу кои печеница, кулен и димена сланина.
Според АХВ, одземените производи немале декларации за потеклото, а биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови.
Од Агенцијата предупредуваат дека ваквиот начин на производство и чување претставува сериозен ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.
Инспекциските служби најавуваат продолжување на вонредните контроли во објектите за производство и продажба на месо и месни производи, со цел откривање на нелегалното производство и спречување на продажбата на небезбедна храна.