Сенатот на Франција усвои предлог-закон со кој се воведува финансиска одговорност на учесниците во немирите за причинетата штета и дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста.
Предлог-законот е изгласан со 229 гласа „за“ и 105 „против“ и е испратен до Народното собрание на понатамошна процедура.
Предлог-законот е подготвен по немирите на 17 октомври, при што беа погодени повеќе од 2.500 фирми.
Клучната одредба предвидува дека државата може да бара надомест на штета од лица што свесно учествувале во група формирана со цел вандализам, како и од оние што остануваат на собири што може да го нарушат јавниот ред и покрај предупредувања од полицијата.
Одговорноста може да се прошири и на лица што се индиректно одговорни за штетата, со ограничување од 10.000 евра за лице.
Дополнителните одредби вклучуваат нови административни забрани за демонстрации, построги казни, територијални забрани за странци, полесна употреба на беспилотни летала за судски цели и алгоритамски видеонадзор, како и можност за иселување на предизвикувачите на проблеми од социјалните станови.
Утврдена е и итна постапка за отстранување во рок од 24 часа на содржините на социјалните мрежи што поттикнуваат вандализам.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез го поздрави усвојувањето на законот оценувајќи дека сенаторите значително го подобриле владиниот предлог и бранејќи го како мерка на здравиот разум.
Предлог-законот е поддржан и од пратениците од Националниот собир, а левичарските партии остро го критикуваа текстот. На предлогот се спротивставија и синдикатите, „Амнести интернешнл“ и Националниот совет на адвокатската комора.