Пред една година на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје кажав дека сакам да дојде време кога граѓанинот нема да мора да зема слободен ден од работа за да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартии од една во друга институција. Дека нема да има потреба да познавате некого во администрацијата, дека нема потреба да се плаќа за побрзо да се заврши некоја работа. Денес со мобилната апликација мУслуги правиме конкретен чекор токму во таа насока, истакна премиерот Христијан Мицкоски да денешната промоција.
-Личен документ на мобилен телефон и пристап до јавни услуги на една апликација. Тоа можеби изгледа едноставно, но зад него стои многу посложена промена. Институциите да разменуваат податоци, процедурите да се поедноставуваат, а граѓанинот да престане да биде врската меѓу различните делови на администрацијата. Токму тоа за мене е суштината на дигиталната трансформација. Тоа е важно затоа што дигиталната трансформација има вредност само кога плановите, стратегиите и инфраструктурата ќе се претворат во нешто што граѓанинот може практично да го користи, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека тој како човек, кој професионално доаѓа од инжинерството, на овие процеси гледа пред се како на прашања на добро дизајниран и функционален систем.
-Суштината на дигитализацијата не е само да воведеме нова технологија, суштината е да го анализираме процесот, да ги отстраниме непотребните чекори, да ги поврземе системите и дури потоа да му понудиме на граѓанинот едноставна услуга. мУслуги е видливиот дел од тој систем, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека нивната цел е во следниов период да обезбедат се повеќе услуги кои граѓаните ќе можат да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно губење време.