Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, говорејќи за случајот со Ива Михаилова, наместо македонските ги спомена „српските власти“, а откако новинарот му укажа на грешката, одговори дека таа „не е толку голема“. Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Скопје и Софија по бегството на Михаилова во Бугарија.
Во интервју со бугарскиот новинар Мартин Карбовски, Демерџиев изјави дека Бугарија нема намера да ја предаде Михаилова, по која македонските власти распишаа меѓународна потерница.
„Ниту ја бараме, ниту ќе ја предадеме на српските власти“, изјави Демерџиев.
Новинарот веднаш го праша дали станува збор за случајна грешка или намерно споменување на Србија.
„Беше грешка, но да кажеме дека не беше толку голема грешка“, одговори бугарскиот министер.
Потоа појасни дека мислел на властите на Македонија, но не објасни зошто смета дека мешањето на двете држави не претставува значајна грешка.
Изјавата на Демерџиев следува по повеќедневните несогласувања меѓу македонските и бугарските власти околу начинот на кој Ива Михаилова ја напуштила Македонија и пристигнала во Бугарија.
Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, е обвинета во постапка поврзана со сообраќајна несреќа во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши. Таа ја напушти Македонија и покрај судските мерки, а македонските институции побараа нејзино меѓународно пронаоѓање и враќање.
Демерџиев во интервјуто изјави дека бугарските власти нема да ја екстрадираат, нагласувајќи дека таа престојува во Бугарија заради медицински третман.
Тој потврди дека надлежните институции сè уште ги проверуваат околностите под кои Михаилова ја преминала границата, но не откри дополнителни детали од постапката.
Претходно, бугарското Министерство за надворешни работи негираше дека државните институции биле вклучени во организирањето на нејзиното заминување од Македонија.