Изет Меџити најави можна кандидатура за градоначалник на Чаир

од Вести365.МК Ј.Р.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска изјави дека најверојатно ќе биде кандидат за градоначалник на општина Чаир на престојните локални избори, како претставник на коалицијата Вреди.

На настан по повод потпишување на договор за опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, одговарајќи на новинарско прашање, Меџити кусо рече: „Најверојатно да“.

Тој додаде дека консултациите се при крај и се очекуваат резултатите од анкетите, по што до крајот на неделата Вреди ќе излезе со комплетна листа на кандидати – од Струга до Липково.

Во однос на евентуалната соработка со ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, Меџити не наведе конкретни општини, но нагласи дека ќе се продолжи со меѓусебна поддршка, како и досега, таму каде што не може да се настапи самостојно.

Според него, ДУИ веќе ја изгубила битката за локалните избори уште пред да почнат, бидејќи го намалила бројот на кандидати во интерес на двете алијанси.

– ДУИ пред изборите имаше 11–12 градоначалници, а сега има само седум кандидати. Реално, прашање е колку од нив ќе победат. Верувам дека ДУИ ќе заврши со две или три општини, што ќе биде почеток на крајот – изјави Меџити.

Слични објави