СДСМ денеска излезе со реакција по проширувањето на истрагата за одговорноста за трагедијата во дискотеката во Кочани со коментар дека не е осомничено ниту едно одговорно лице од Министерството за внатрешни работи
„Истрагата за најголемата трагедија во историјата на Македонија, која требаше и мораше да донесе правда, се претвори во фарса под диктат на ДПМНЕ и Тошковски.
И по проширувањето на истрагата, едно е јасно: не се бара никаква одговорност од оние што кобната ноќ беа на функција во МВР, но и други институции кои морале и и имале должност да го превенираат настанот.
Вечерта на трагедијата, постоеле дежурни началници во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ. Тие имале директна надлежност. Имало полицајци на лице место – виделе сè: малолетници, пиротехника, хаос и премолчеле, не презеле ништо иако знаеле и за настанот и за тоа што се случувало таму. Трагедија е што денес никој од нив не е ни осомничен за настанот.
Ова е селективна правда на ВМРО-ДПМНЕ во која Тошковски ги штити своите и оние кои тој ги поставил на функциите.
Да биде уште поцинично – дозволата за пиротехника, која е директна причина за пожарот, паѓа под МВР.
Значи – пропустите на системот и превенцијата се целосно кај МВР и актуелното раководство од кое нема ниеден осомничен. Тошковски со ваква истрага ги доуништува семејствата на загинатите. Трагедијата ја претвора во уште поголема трагедија“, коментираат од СДСМ.