Невработени се претставувале како вработени, се користеле податоци на други луѓе и со измама биле земани брзи кредити, на помош бил и вработен во Фондот за здравство. 43-ца заработија кривични пријави за компјутерски измами, фалсификување исправи и злоупотреба на лични податоци, со што противправно се збогатиле за повеќе од три милиони денари или некаде околу 50 илјади евра. За овие дела се осомничени четворица, меѓу кој и вработен во Фондот, додека другите се сомничат за поединечни дејствија на помагање и соизвршителство.
-Дел од осомничените, спротивно на условите утврдени со закон и без согласност на граѓаните користеле туѓи лични податоци, правеле лажни јавни исправи и преправале вистински јавни исправи со намера таквите исправи да се употребат како вистински. Со внесување невистинити податоци во информатичките системи на десетина различни друштва за „брзи кредити“, како и со фалсификување на електронски потписи, без знаење на оштетените на нивно име земале кредити, создавајќи им обврска на лицата да ги враќаат наводно позајмените средства, информираат од МВР.
Дел се осомничени дека обезбедиле лажни податоци кои подоцна биле користени да се подигнат и по неколку кредити од различни друштва во еден ден, со што била прибавена значителна имотна корист. Како што информираат од МВР парите потоа се извлекувале од сметка и во најголем дел ги давале на осомничените органозатори на вакви измами.
-Еден дел од осомничените лажирале податоци за вработување на невработени лица, прикажувајќи ги како вработени и кредитоспособни, па врз основа на тие податоци од кредитните друштва извлекувале пари кои потоа биле ненаплатливи. Во тоа им помагал и осомничениот – службеното лице вработено во Фондот за здравствено осигурување на РСМ, ставајќи им средства на располагање, односно Единствен здравствен број на осигуреник кој претходно го обезбедувал преку својот компјутер од електронскиот систем на Фондот, информираат од МВР.