Најмалку 53 милиони евра „отштета“ ако Македонија не обезбеди 60-часовна работна недела

Ако работната недела не се зголеми од 40 на 60 часа во период од 45 дена од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д, Владата се обврзала да му плаќа огромни пенали на американско-турскиот конзорциум. Еднократно 53 милиони евра плус, допопнителни 1 милион 265 илјади евра на име постојани пенали додека трае договорот, доколку не се измени Законот и не се воведе 60 часовна работна недела.

Договорот се уште не е јавно објавен, а според делови што објави порталот Плусинфо, стои:

-Ако условот од 60-часовна работна недела не е исполнет најдоцна до 45-тиот ден од датумот на потпишување на Договорот или ако 60-часовната работна недела, тогаш времето за завршување на работата за секој дел ќе се продолжи за минимум 6 месеци и минимална сума од 53 милиони евра еднократно ќе биде додадена на почетната сума од 117 милиони евра што ќе ја плати Работодавецот. Овие 53 милиони евра ќе бидат исплатени во рок од 15 дена по истекувањето на рокот од 45 дена, кога Работодавецот треба да обезбеди 60-часовна работна недела за персоналот на Контракторот.

Договорот со Бехтел и Енка беше потпишан на 8ми март, што значи дека остануваат уште помалку од две недели за промена на законите за да се избегнат овие пенали. Од Владата најави објаснување, но до почетокот на вестите не стигна.

За спорните одредби алармираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а лидерот Мицкоски денеска порача дека одговорност ќе има, бидејќи е прифатена штетна одредба за која уставниот суд веќе се има произнесено…

-Веќе Уставниот суд по ова прашање се изјаснил многу пати во минатото. Значи некој свесно знаел дека ова што го бараат е невозможно, а сепак одлучил тоа да го направи, односно свесно презмемал обврска буџетот на Македонија, буџетот на сите граѓани да исплати стотици милиони евра во форма на пенали кон компанијата која што е изведувач на овој проект. Да не биде после тоа лелекање и викање, јавно кажувам и на едниот и на другиот, и на Ковачевски и на Артан Груби, дека за ова ќе има одговорност. Немојте после да плачете, да кукате и да лелекате,изјави – Христијан Мицкоски – Претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Првично, со законот со кој Бехтел беше изгласан како стратешки партнер за изградба на коридорите беше предвидена слична одредба со која се овозможуваше 60-часовна работна недела, но Уставниот суд на седница од 13 јули лани, донесе одлука за укинување на оспорениот член, со оценка дека е во спротивност со темелните вредности – владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Уставниот суд оцени и дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.

Слични објави