Според извештајот на Агенцијата за азил на Европската унија – ЕУАА, во март, 624 барања за азил поднеле албански државјани до земјите на Европската унија, додека 513 косовски државјани, 340 од Македонија, 272 од Србија, 109 од Босна и 37 од Црна Гора.
За мaкедонските граѓани кои бараат азил најпривлечни земји од ЕУ се Германија, Белгија и Франција. Според податоците на Агенцијата од досега поднесените пријави од македонските државјани 457 се решени, додека во фаза на разгледување се 1052 апликации, а 60 барања се повлечени.
Во февруари 2024 година, 744 барања за азил биле регистрирани од албански државјани во една од земјите на Европската унија, додека во јануари годинава биле регистрирани 648 барања.
Од околу 2.016 пријави на албански државјани од јануари до март годинава, дел се разгледани, додека за 2.752 барања постапката е во тек.
Испитаните случаи на Албанци имаат најмал број на прифатени барања за азил во земјите од Европската унија, што не надминува ни 1% од барањата.
Во меѓувреме, според податоците на Агенцијата за азил на Европската унија во текот на 2023 година, вкупно 9.145 барања се поднесени од албански државјани во една од земјите на Европската унија.
Според податоците на ЕУАА, најголем интерес на албанските граѓани за барања за азил, како лани, така и за првите три месеци од годинава, има во земјите како Франција, Италија и Германија.
Покрај во Европската Унија, тенденција на Албанците да бараат азил во текот на 2022 и 2023 година имало и во Велика Британија, каде што се проценува дека се чека на разгледување од 16 илјади до 20 илјади барања.
Во меѓувреме, годинава, според британските власти, занемарлив е бројот на Албанци кои нерегуларно влегле во Англија преку каналот Ла Манш.