Митева: Подобро да биде тешко отколку срамно, ќе ги прекинеме традициите на државата на матни тендери, партиски вработувања и корупција

Времето на политичари кои политиката ја третираат како извор на моќ, слава и пари мора да заврши. Потребно е комплетно нов принцип на владеење кое ќе придонесе пред се за релаксирање на општеството од сите екстреми. Македонија е жедна за успеси, доста е од криминал, порази и понижувања. СДС и ДУИ мора да заминат во историјата, изјави Марија Митева портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ја смени ваквата негативна реалност и затоа во периодот што следи континуирано ќе излегуваме со конкретни понуди и решенија.

–  На општеството му недостасува развивање на вистински дијалог и дебата, а не насилство и политички гимнастики. Потребно е да ја промениме реалноста во Македонија, а со тоа ќе се променат и негативните вести кои ни го окупираат секојдневието. Да имаме нови, домашни и странски инвестиции, нови успеси во економијата, образованието, нови успеси во здравството и земјоделието, рече таа.

Додаде дека затоа што политиката не треба да се базира на местени тендери, партиски вработувања, висок криминал и корумпираното судство.

– Тоа е традиција која мора да ја прекинеме ако сакаме вистински да ги промениме состојбите во Македонија кои со години го уништуваат системот и се главна причина за иселувањето на нашите сограѓани. Потребен е комплетен рестарт, потребна е политичка коалиција која ќе се базира на програмска определба и платформа за иднина која ќе значи вистински вредности, а не коалиција чија точка на спојување се бизнис зделките, истакна Митева.

Според неа силната економија ќе го подобри животниот стандард, реформите во образованието ќе придонесат да имаме минимум еден универзитет на Шангајската листа и ќе ги подобриме рангирањата на ПИСА тестирањето, социјалната политика ќе овозможи достоинствен живот за пензионерите, стимулативните мерки ќе овозможат нови можности за младите, ќе обезбедиме и стабилност за бизнис секторот, намалување на бирократија и дигитализација на администрацијата, нови инвестиции во енергетиката се само дел од визијата за промени.

ВМРО-ДПМНЕ има за цел да стави крај на искривеното нормално, скандалите и аферите кои секојдневно испливуваат на површина ќе станат минато, важно е да ја вратиме надежта кај граѓаните кои се иселуваат од Македонија, изјави Митева.

Слични објави