Православната црква денеска го слави светиот великомаченик Димитрија, празник кај народот познат како Митровден. Ова празник кој има фиксен датум, секогаш паѓа на 8 ноември.
Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…
Митровден е еден од празниците со кој се поврзуваат голем број народни обичаи. Еден од нив е претскажувањето според времето – ако тој ден има дожд и мраз, нè очекува долга и студена зима со многу снег!
Православните верници го одбележуваат празник Митровден, во чест на Свети Димитриј, роден во Солун, во третиот век. Беше син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го постави Димитриј на истото место и посебно му препорача да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонеше, туку и јавно ја исповедаше и проповедаше верата во воскреснатиот Христос.
Штом слушна за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, сврати во Солун, за да ја испита работата. Го повика Димитриј, кој не ја одрекуваше својата вера и дури и го убедуваше цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневи и го фрли Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погуби. Некои христијани го земаа неговото тело и чесно го погребаа. На тоа место подоцна беше подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.