За над 200 илјади основци и средношколци денеска почнува учебната 2023/2024 година која, со одлука на Владата, првпат ќе заврши на 17-ти наместо на 10 јуни. Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024.
Покрај зимскиот, учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај 2024, практика која, како што кажа Шаќири, се применува во повеќе европски земји и која според наставниците и стручните служби ќе донесе подобри резултати во учењето.
– Најголем дел од учебниците за основното образование кои се одборени во изминатиот период како и дел од новите учебници од трето одделение се веќе испорачани до училиштата. Останатиот помал дел тоа се претежно учебници за шесто одделение ќе бидат доставени веднаш по одобрување од страна на националната комисија за учебници, кажа вчера Шаќири.
Покрај пролетниот распуст и продолжената учебна година, новина е и примената на нов е-дневник, изготвен со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови. Тој е во фаза на тестирање и, како што соопшти Шаќири, паралелно се прават обуки на администрацијата во 40 училишта во кои ќе се примени како пилот-проект додека се потврди неговата функционалност.
Во новата учебна година ќе има и нови безбедносни мерки во училиштата. Шаќири соопшти дека со Министерството за внатрешни работи ги дефинираат, како што рече, „потребните насоки за сите училишта и сите ќе бидат известени од страна на МВР“.
Со Министерството за финансии, пак, МОН преговара за процент за усогласување на платите со минималната во државата, што ќе биде дополнителен приход покрај 10-те отсто кои на вработените во образованието, како и на другите во јавниот сектор, ќе им следуваат со Општиот колективен договор.
Летниот период ќе биде искористен за обука на наставниот кадар во прво и во четврто одделение, во кои од есен ќе почне да се спроведува новата Концепција за основно образование.