Пресврт во истрагата во Грција: Уапсен главниот осомничен за убиството на навивачот на АЕК

Според последните вести кои доаѓаат од Грција, уапсен е убиецот на навивачот на АЕК, Михалис Кацурис! Станува збор за познат навивач на Панатинаикос, објави грчкиот портал SDNA.

Од моментот на трагичниот настан, полицијата уапсила 104 лица, од кои 97 се хрватски државјани. Меѓу уапсените и осомничени за организирање на крватата пресметка, има и тројца навивачи на Панатинаикос, грчки државјани на возраст од 22, 26 и 27 години.

Во средата се појавија шпекулации дека убиецот би можел да биде еден од навивачите на Панатинаикос, а во четвртокот дошло до голем пресврт во истрагата, пишуваат тамошните медиуми.

Навивачот на Панатинаикос, веќе добро познат на грчката полиција, 29-годишник кој веќе отслужил затворска казна и бил условно пуштен во изминатите шест месеци, сега е првоосомничен за убиството на Кацурис.

Повикувајќи се на полициските извештаи, грчките медиуми наведуваат дека уапсениот навивач на Панатинаикос е високо на листата на главни осомничени. Се додава дека тој е меѓу оние од кои е земен примерок од ДНК.

Но, во исто време има информации дека поради бројните, а различни, убодни рани, полицијата се сомнева дека во убиството на навивачот на АЕК всушност учествувале повеќе лица.

Слични објави