Лисабон, најисплатив и најдостапен за 2023!

Британскиот “Пост офис” веќе 16 години по ред го прави списокот на европски градови кои нудат најдобра вредност за вложените пари. Оваа година, на врвот на листата е Лисабон, престолнината на Португалија.

Тимот на “Пост офис” ги пресметува и споредува просечните цени за викенд-престој со две ноќевања во градот во хотели со три ѕвезди. Се земаат во предвид и цените на топ туристичките атракции, разгледувањето со туристички автобус, цената на јавниот превоз и на храната и пиењето.

Лисабон, кој беше прогласен за најсреќната дестинација на светот минатата година, ова лето е идеално место за оние кои сакаат да поминат одличен мини-одмор или продолжен викенд во градот без да потрошат многу пари.

Градот се наоѓа на врвот на листата со најевтини градски одмори во Европа, што го прави привлечен за туристи. Лисабон го нуди светски познатиот ноќен живот, прекрасните плажи и вкусната храна. На цените во главниот град на Португалија не влијае толку многу инфлацијата, па пораснаа само за два отсто во споредба со минатогодишните цени.

Просечната цена за две ноќевања во хотел со три ѕвезди е околу 140 евра, што претставува само пет отсто зголемување во споредба со 2022 година. Споредени со градовите каде цените пораснале за над 20 проценти, цените во Лисабон се помали за третина од оние во најскапите европски градови како Венеција и Амстердам.

Лисабон е привлечен за посета поради многу причини. Градот е сместен во нерамниот предел на западниот брег на земјата, овозможувајќи разновидни и неверојатни погледи. Се смета за еден од најстарите градови на светот, а според легендата го основал Одисеј на враќањето од тројанската војна.

Титулата најскап град во Европа ја доби Амстердам, во кој за викенд треба да издвоите 835 евра, а меѓу најскапите се Париз, Венеција, Женева, Белфаст и Лондон.

Списокот на најисплатливи европски градови во 2023 година, почнувајќи од најевтиниот: Лисабон (Португалија), Вилнус (Литванија), Краков (Полска), Атина (Грција), Рига (Латвија), Порто (Португалија), Загреб (Хрватска). ), Будимпешта (Унгарија), Варшава (Полска) и Лил (Франција).

Слични објави