Актерката Теута Ајдини-Јегени е авторка на домашната порака по повод Светскиот ден на театарот – 27 март. Таа е актерка – првенка во НУ Албански театар во Скопје. Играла во триесетина театарски претстави (во матичниот театар во Скопје, во Националниот театар во Косово и во независни продукции), како и во десетина играни и телевизиски филмови и серии. Добитничка е на повеќе театарски и филмски награди.
– Кога ја добив поканата од Македонскиот центар на ИТИ да ја пренесам годинешната порака за Светскиот ден на театарот, со што сум исклучително почестена, се сетив на една мисла која ја прочитав некаде, а која вели дека е невозможно за театарот да зборуваш спокојно. И мислам дека тоа е највистинскиот одговор на прашањето „што е за тебе театарот?“, посебно за некој којшто е со театарот буквално од кога знае за себе; некој којшто растел и старее со него. Накратко, јас не можам мирно и ладнокрвно да речам „знаете, театарот за мене е…“ тоа и тоа… Не можам, затоа што тоа прашање за мене е исто како да ме прашате „што е за тебе животот“? Дури и повеќе од тоа – како да ме прашате „што е за тебе љубовта?“ Љубов! Тоа е вистинскиот збор за театарот – кој ми доаѓа на ум кога мислам на театарот, кога сум во него, на сцената, во публиката, додека ја подготвувам улогата… А чувствата – е, тие не можат да се опишат така лесно со зборови… тука се испреплетени и срцето и душата, и умот и телото, тука се и потта и солзите, и смеата и лутината, и болката и радоста… Тоа е, сигурна сум, она што му се случува на секој театарски деец, затоа што без тие чувства не секој еден учесник во создавањето на идниот живот на една претстава, не ќе може да ја пренесе драмската магија до публиката. Секој еден од нас кој работи и живее со театарот, ја има таа љубов во себе – напиша Теута Ајдини-Јегени, додавајќи дека задача и мисија на театарот е да го следи животот, да реагира на случувањата во општеството, во светот, да укаже на опасностите и девијациите во нормалноста и хуманоста, да ги соопшти пораките кои светот и човекот има потреба да ги слушне во времиња на кризи.
Авторка на светската порака египетската актерка Самиха Ајуб, која, меѓу другото, потенцира дека „нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓу себе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе оддалечен и дисхармоничен каков што е денес. Тука лежи драмскиот парадокс кој современиот свет го истакнува пред нас“, додавајќи дека „театарот во својата суштина е чист и хуман акт кој се базира на есенцијалното хумано, а тоа е животот“.
Таа е родена е во Египет, во Шубра, во близина на Каиро. Своите студии ги завршила на Високиот институт за драмски уметности во 1953 година, каде што студирала под менторство на драмскиот автор Заки Тулајмат. Нејзините сценски настапи во кариерата се сведуваат на приближно 170 театарски претстави. За себе има и многу филмски и ТВ улоги. Добитничка е на многу награди.
Нејзината порка од англиски на македонски ја преведе Иванка Апостолова-Баскар.
„За сите мои пријатели – театарските уметници од целиот свет.
Ја пишувам оваа порака за вас по повод Светскиот ден на театарот, и се чувствувам обземена од среќа, дека вам ви се обраќам; секој нерв во моето битие трепери под притисокот на она низ што сите ние минуваме – страдањето на театарските и нетеатарските уметници – страдањето од големите притисоци и мешаните емоции кои се надвиснати над светот сега и тука, денес.
Нестабилноста е директен резултат на она низ што поминува нашиот свет; конфликти, војни, природни катастрофи кои имаат очаен ефект не само врз нашиот материјален свет, туку и врз нашиот духовен свет и нашиот психички мир.
Денес вам ви се обраќам додека имам чувство дека целиот свет стана изолиран остров, или како бродовите кои се губат во маглата над хоризонтот, секој од нив ги шири своите едра и испловува според водство, кое не гледа насока во хоризонтот пред него, и покрај тоа, продолжува да плови, надевајќи се дека ќе стигне безбедно до пристаништето; по долгото преиспитување на непредвидливоста на разбурканото море.
Нашиот свет никогаш не бил толку блиску поврзан меѓусебе како што е денес, но во исто време никогаш не бил ниту повеќе одалечен и дисхармоничен каков што е денес. Тука лежи драмскиот парадокс кој современиот свет го истакнува пред нас. И покрај тоа што сме изложени на совремниот начин на размена на вести и пренос на информации и комуникации кои ги кршат сите географски бариери, напротив светот сведочи конфликт кои ги надминува границите на логичката перцепција и креира, одразува очигледно зближување. Сепак фундаменталното разидување не дистанцира сите нас од есенцијалното во хуманоста – од едноставната суштинска форма.
Театарот во својата суштина е чист и хуман акт кој базира на есенцијалното хумано, а тоа е животот. Со зборовите на големиот Константин Станиславски, „никогаш не доаѓај во театар со кал на чевлите. Остави ја прашината и валканоста надвор. Преиспитај си ги своите мали грижи, караници, проблеми и остави ги на закачалка како твојот капут – сите работи кои ти го уништуваат животот и ти го усмеруваат вниманието далеку од уметноста – таму кај вратата.’’ Кога се качуваме на сцената, се качуваме само со еден живот во нас, оној на човечкото битие, но токму овој живот има способност да се подели и репродуцира претворајќи се во многу други животи кои ние ги изведуваме на сцената, пред светот, ги оживуваме, тие цветаат и се шират како парфем кои допира до другите.
Тоа што ние го правиме во театарот како драмски автори, режисери, актери, сценографи, поети, музичари, кореографи и техничари, сите ние без исклучок сме во чинот на создавањето живот кој не постоел пред да стапнеме на сцената. Овој живот заслужува грижа и рамо на љубовта кое ќе го прегрне, љубезно срце кое симпатизира, и трезен ум кој го овозможува тоа, кој овоможува континуитет и опстој.
Не претерувам кога велат дека нашиот акт на сцената е акт на животот, генериран од ништо; како килибар кој свети во темнината, осветлувајќи ја темнината и затоплувајќи го студенилото. Ние сме тие кои на тој живот му го овозможуваме неговиот сјај. Ние сме тие кои го отелотворуваат тоа. Ние сме тие кои го прават вибрантен и со смисла. И ние сме тие кои ја создаваат причината тоа да се разбере. Ние сме тие кои ја користат светлината на уметноста за конфронтирање со темнината на игнорирањето и не знаењето. Ние сме тие кои ја прегрнуваат доктрината на животот, за животот да може да се шири во овој свет. Затоа ние ги издигнуваме нашите заложби, време, солзи, крв и нерви, се’ што треба да направиме со цел да ја пренесеме ваквата силна порака, бранејќи ги вредностите на вистината, добрината и убавината, навистина верувајќи дека животот заслужува да се живее.
Денес вам ви се обраќам, но не само за да се каже нешто или да се прослави таткото на сите уметности, „театарот’’, на неговиот ден. Туку повеќе од се’ сакам да ве поканам да застанеме заедно, сите ние, рака за рака, рамо до рамо, да вреснеме од длабочината на нашите гласови, онака како што сме навикнати на сцената тоа да го правиме, и да овозможиме зборовите да излезат будејќи ја совеста на целиот свет, барајќи ја во себе изгубената човечка суштина. Барајќи слободен,толерантен, сакан, емпатичен, нежен и достапен човек. И да си дозволиме да не напушти ова непријатно опкружување на бруталноста, расизмот, крвавите пресметки, едноумието и екстремизмот. Човекот чекорел на земјава, под сонцево, со илјадници години, и ќе продолжи да чекори понатаму. Затоа зграпчи му ги стапалата од вртлогот на војната и крвавите конфликти, предложи му да ги напушти, пред вратите на сцената. Можеби нашата хуманост, која стана засенчена и заглавена во сомнежи, повторно категорично ќе зацврсти, хуманост со која сме квалификувани да бидеме горди што сме луѓе и дека сите сме браќа и сестри во просторот на хуманоста.
Нашата мисија е, нам драматичарите, носителите на факелот на светлината, од првата појава на првиот актер на сцената, да бидеме фронтално конфронтирани кон се’ што е грдо, крваво, и нечовечно. Се конфронтираме со се’ што е убаво, чисто и хумано. Ние и никој друг, ја имаме способноста да го афирмираме животот. Затоа да го шириме животот заедно за доброто на светот и човечноста“, вели во пораката египетска актерка Ајуб по повод Светскиот ден на театарот.
Публиката денес ќе има можност бесплатно да ја гледа претставата „Само глас“ од Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, во која играат првенците на МНТ, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Дејан Битровски.