Србија денеска одбележува 24 години од бомбардирањето на НАТО на тогашна Сојузна Република Југославија. Во воздушните напади учествуваа 19 западни земји, а акциите од воздух траеја 78 дена и беа изведени без одобрување од Советот за безбедност при Обединетите Нации (ОН).
Конечни податоци за бројот на загинати во бомбардирањата нема. Според српското Министерство за одбрана, во НАТО нападите загинале 1.031 припадници на армијат и полицијата и околу 2.500 цивили од кои 89 деца. Тешки оштетувања имаше на инфраструктурата во земјата, индустриски капацитети, здравствени установи, воени, но и медиумски објекти.
При нападите на НАТО авионите беа користени воздушните простори на Албанија, Хрватска и Унгарија. Воздушните удари врз СРЈ следуваа по неуспешните преговори за решавање на косовската криза во Рамбуе и во Париз во 1999 година.
Бомбардирањето на НАТО врз СРЈ заврши на 10 јуни, по усвојување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Потоа следуваше повлекување на војската и полицијата на тогашната СРЈ од Косово кои беа заменети со меѓународни трупи.
Според податоци на УНХЦР, Косово го напуштија 230.000 Срби и Роми од доаѓањето на мировните сили, а во земјата се вратија 800.000 албански бегалци.