20 години од трагедијата во која загина претседателот Трајковски

Денеска се навршуваат 20 години од авионската несреќа во која загина поранешниот претседател на државата, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот. Ротимље (БиХ), Струмица, градските гробишта во Бутел се трите локации каде членови на неговото семејство, претставници на владата, политички партии ќе му оддадат почит на загинатиот претседател.

На овогодинешното одбележување во Бутел, Скопје, со почеток во 12:00 часот, на гробот на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе сопругата на поранешниот претседател на Република Македонија Борис Трајковски, Вилма Трајковска со членови од семејството, актуелниот претседател, Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од претседателот на Собранието, Јован Митрески, делегација на Владата составена од Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата, задолжена за политики на добро владеење и Ристо Пенов, министер за локална самоуправа. Потоа делегација на Армијата, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10:00 часот ќе положат свежо цвеќе претставници од владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и претставник од Кабинетот на Претседателот, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот

Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.

Во Струмица, со почеток во 10:00 часот на споменикот на поранешниот претседател, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе делегацијата од Владата, предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, заедно со Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

На денешен ден во 2004-та се урна авионот со кој Трајковски и неговите соработници патуваа на конференција во Мостар.. Тој беше втор претседател на државата кој функцијата ја превзема во 1999 година. Трајковски беше потписник на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на воениот конфликт од 2001 година.

Слични објави