11 од 12-те повредени македонски државјани во тешката сообраќајка во Италија се пуштени дома

Во врска со вчерашната сообраќајка во Италија, Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим доби информации дека по соодветна лекарска помош за добиените лесни повреди во болница во градот Сан Бенедето дел Тронто 11 патници, државјани на Северна Македонија во текот на вчерашниот ден беа пуштени дома во добра здравствена состојба.

За 12-тиот патник, исто така наш државјанин, во соопштението од МНР се вели дека се наоѓа во болница во Анкона, каде што во текот на денешниот ден ќе има хируршка интервенција за добиените повреди во нога и рака.

Министерството преку Амбасадата во Рим останува во континуирана комуникација со надлежните италијански институции, кои работат на целосно расчистување на случајот.

Тешката сообраќајна несреќа се случи вчера во 09:30 часот на автопатот меѓу градовите Асколи Пичено и Анкона во Италија во која учествувал автобус на туристичка агенција од Македонија. На местото на несреќата починал возачот на автобусот, Р. И. (1965 година) македонски државјанин, додека полесно повредени се 12 патници, исто така македонски државјани.

Според италијанските медиуми, сообраќајката се претворила во вистински огнен пекол зашто автобусот учествувал во верижен судар во тунелот „Винчи“ во Купра Маритима, со уште две тешки товарни возила, меѓу кои и едното со алкохолни пијалоци кое изгорело во пламенот.

Според првите достапни информации, станува збор за верижен судир на два камиони и автобус. Еден од камионите, кој превезувал стакло, бил удрен од автобусот откако застанал на коловозната лента поради застој во сообраќајот, а веднаш потоа во задниот дел на автобудот удрил камион со германски регистерски таблички кој превезувал пиво.

Слични објави