Џихадистички келии има и во Македонија како дел од т.н „балкански лавови“

На територијата на Балканот во моментов дејствуваат 20 екстремистички ќелии „џихад“, а целта им се терористички напади низ Европа, предупредуваат италијанските разузнавачки служби, а пренесуваат српските медиуми.

Повеќето од овие групи има на територијата на Косово, Албанија и Босна и Херцеговина, но постојат и во Црна Гора, Србија и Македонија. Тие претставуваат, како што се тврди, „инкубатор на безбедносни закани“ за цела Европа.

Според италијанскиот весник „Ил Темпо“, овие ќелии постојат околу две години, но во последно време, особено од почетокот на војната во Израел, се забележува нивна нешто поголема активност, пренесува Блиц. Овие ќелии се состојат од околу 500 повратници од ИСИС, од боиштата во Сирија и Ирак, но постојано се регрутираат нови, дури и меѓу мигрантите кои ја минуваат балканската рута кон Западна Европа.

– Во моментот на откривањето на овие ќелии имало над 1.000 борци кои за време на војната во Сирија го напуштиле Балканот за да се приклучат на редовите на Исламската држава. Проблемот е што нешто помалку од половина од нив се вратиле. Сега тие се можни ризични вектори за европската и националната безбедност, особено ако се има предвид стекнатото воено искуство и понекогаш силните врски воспоставени со дијаспората во Европа – пренесуваат италијанските медиуми информации од разузнавачките служби на нивната земја.

Тие предупредуваат и за „главата“ на оваа организација.

  Меѓу нив се издвојуваат таканаречените „Балкански лавови“, мрежа која има задача да ги зајакне „периферните зглобови“ на движењето и да започне нови терористички акции во Европа.

Салафистичко и вахабистичко потекло

Тие 20 џихадистички ќелии активни на Балканот се главно групи од салафистичко и вахабистичко потекло и нивните штабови се во Косово, Албанија и Босна. Но, не само таму. Од друга страна, според италијанските разузнавачки служби кои алармираат, „главните карактеристики на оваа појава се одредени од транснационалните и меѓуетничките мрежи, често со европски врски“. Затоа, ризикот овие луѓе да можат да навлезат во Европа е голем.

Имено, само лани по балканските патишта поминале речиси 150 илјади мигранти. Од јануари до август годинава пристигнале 52 илјади нови. Тие минуваат низ добро изгазени копнени патишта и низ групи за трговија со луѓе, лесно доаѓајќи во контакт со екстремистите. Нивната етничка припадност е различна: од Пакистанци до Непалци, но има и многу националности, особено од Северна Африка.

– Ваквата хетерогеност одговара на еднакво разновидна криминална реалност – предупредуваат разузнавачите и забележуваат дека државите од регионот веќе се вознемирени од овие податоци, пренесе Блиц.

Слични објави