Министерството за образование и наука (МОН) започна процедура за поништување дипломи на Филозофскиот факултет при УКИМ и на Славјанскиот универзитет поради констатирани сериозни неправилности, потврди министерката Весна Јаневска. Случаите веќе се пријавени во Јавното обвинителство за понатамошно постапување.
На Филозофски факултет Министерството поништува осум дипломи на веќе поништени осум уписи. Како што рече Јаневска, станува збор за вкупно 17 студенти.
Дел од студентите биле запишани на втор циклус и веќе дипломирале, додека другите го продолжиле образованието на трет циклус студии.
„Факултетот има обврска да поништи уште едно преостанато уверение, по што МОН ќе ги поништи документите за сите осум студенти“, соопшти министерката.
Вториот случај се однесува на приватниот универзитет каде се поништени две дипломи на еден студент. Според министерката, студентот истовремено студирал на додипломски и на постдипломски студии и постои сериозно сомнение за фалсификат и на двете дипломи.
Министерката нагласи дека МОН постапува строго според законските одредби и не прави разлика меѓу државните и приватните високообразовни установи.
„Информациите за поништените дипломи денеска ќе бидат официјално објавени во дневните весници и на веб-страницата на Министерството за образование и наука“, посочи таа.
Ова доаѓа откако беа актуелни случувањата на Филозофскиот факултет при УКИМ каде што е утврдено дека од 2019 година факултетот противзаконски запишувал студенти на магистерски и докторски студии, иако тие претходно завршиле тригодишни стручни студии, што законски не им дозволувало влез во академскиот систем на втор и трет циклус.