Големи очи, полни усни, совршен тен… Денес, филтрите за разубавување со еден клик го претвораат секое ваше селфи во фотографија на фото-модел. Сепак, психолозите предупредуваат на негативните последици од овој тренд.
Најнормална работа на светот е што нашиот изглед не е совршен: мозолчиња, зголемени пори, нечиста кожа… И покрај ова, овие неправилности се почесто се ретушираат на социјалните мрежи. Понекогаш ни се чини дека во овој дигитален свет има само луѓе со секогаш совршена коса, совршена кожа и снежно бели заби.
Вештачка интелигенција за вештачка убавина
Програми со т.н „филтрите за убавина“ доживуваат вистински бум, а во последните години се повеќе се подобруваат. Денес сè е можно: од мали корекции – мазна кожа, маскирани мозолчиња или подебели веѓи – до целосна промена на лицето.
Апликацијата „Face Tune“ од израелската компанија Lightricks е преземена повеќе од 200 милиони пати, а апликациите „YouCam Makeup“ од Тајван и „BeautyPlus“ од Сингапур повеќе од сто милиони пати. До пред неколку години можеа да се подобруваат само фотографиите, а денес лицата на луѓето можат да се менуваат на видео снимките и тоа толку добро што промените воопшто не можат да се забележат.
Од март оваа година, два нови филтри на TikTok привлекоа големо внимание. Со помош на вештачка интелигенција, филтерот „Teenage-Look“ ги прави луѓето да изгледаат помлади, а филтерот „Bold Glamour“ го трансформира лицето во идеална слика, со полни усни, светли очи, помал нос и беспрекорна кожа. Овие промени сè уште може да се препознаат во претходните верзии, но со новите филтри тоа веќе не е можно.
Сите овие филтри секогаш го создаваат истиот идеал за убавина: црната кожа главно е малку избелена, белата кожа добива розев тен, истакнатите носови се намалуваат.
„Таа естетска привлечност дефинитивно треба да се смета за проблематична, бидејќи многу стереотипи се сумирани во филтрите“, вели Катја Гункел, доцент по уметничка педагогија на Универзитетот Гете во Франкфурт. Таа затоа истакнува дека техниките се нови, но дека клишеата што ги сервираат се застарени.
„Постојат голем број на многу проблематични филтри кои се достапни за секого и, се разбира, постои многу голем конформистички притисок што оди заедно со сето тоа.
Депресија и погрешна слика за себе
Ова има значителни последици за психата на корисникот. Како што покажа едно истражување, две третини од младите чувствуваат притисок од идеалите за убавина кои владеат на социјалните мрежи. Истражување во Британија покажа дека една третина од сите девојчиња на возраст меѓу 11 и 21 година никогаш не би објавиле своја фотографија што не е уредена.

„Тоа е игра со оган“, вели германската јутјуберка Силви Карлсен, која води кампања против употребата на филтри за убавина во нејзините видеа.
„Штом се појавиме во јавноста со филтри, добиваме позитивни реакции во форма на срца и лајкови. Се чувствуваме прифатени, лачиме допамин“.
Но, што ќе се случи ако после тоа одиме меѓу луѓе без филтри, со несовршена кожа или со темни кругови под очите?
„Социјалните медиуми нè тренираат да го претставиме нашето совршено јас на надворешниот свет. Тоа нè уништува“, вели Карлсон.
Болеста која поради тоа се јавува има дури и име: „селфи дисморфија“. Колку се почести селфи фотографиите со филтри, толку е позагрозена самосвеста на многу луѓе. Чувството на неисполнување на барањата на овие идеали за убавина може да биде дури и причина за депресија, пишува во статија во стручното списание „JAMA Flacial Plastic Surgery“.
Може ли државата тоа да го регулира?
Многу земји се обидуваат да се борат против оваа појава. Во Норвешка и Израел веќе постои обврска дека фотографиите што се користат како реклами на социјалните мрежи, во кои се користени филтри, мора да бидат означени. Предлог-законот во Франција содржи слични одредби за фотографии и видео снимки. Тој пропишува казни до 300.000 евра или шест месеци затвор за инфлуенсерите кои ќе ги прекршат овие правила. Во Велика Британија веќе се разговара за вакви регулативи.
Во Германија досега нема таков закон. Минатата година Јутјуберот Силви Карлсон започна да потпишува петиција за нејзино усвојување. И Конференцијата на покраински министри за еднаквост и права на жените минатата година побара воведување на обврска за етикетирање на обработените фотографии во рекламните пораки и на социјалните мрежи. Меѓутоа, ваков закон на федерално ниво во моментов не се подготвува.
Катја Гункел е за регулација, но посочува дека се работи само за комерцијалната област. „Тоа не може да се примени на приватните селфи фотографии, бидејќи како би функционирало тоа? Кој друг би можел да го контролира? Јас тогаш би го нарекол цензура“.
Таа смета дека пред се на оваа тема треба навремено да се разговара со децата и младите, а со тоа да се зајакне нивната медиумска компетентност.
„Живееме во капитализам и затоа функционира исклучително добро кога луѓето се принудени да чувствуваат дека постојано мора да се оптимизираат со консумирање одредени производи или услуги како што се медицинските процедури“, вели Гункел.
„Целата оваа машинерија живее на чувството на недостаток – и нема да престане. Затоа, има само една задача: корисниците да стекнат одредена издржливост и сувереност во справувањето со овие фотографии и снимки“.
Фото: Шутерсток