Филипче најави дека ќе поднесе тужба за клевета за црната кампања која се води против него

од Вести365.МК Ј.Р.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на вонредна прес-конференција во партиското седиште објави оти ќе поднесе тужба за клевета против како што ги нарекува „наредбодавачите“ и „извршителот“ за зголемениот број напади на неговото конто од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели оти чашата ја прелеало вчерашното обвинување поврзано со д-р Жан Митрев, во кое на Филипче му се импутира дека вршел рекет врз приватната болница на Митрев.

Тој рече оти секојдневно е предмет на јавен линч, груби лаги и постојана црна кампања од неговите политички противници, но дека овојпат обвинувањата отишле предалеку. Дополнително, го повика Жан Митрев и властите, нивните обвинувања да ги ефектуираат институционално, наместо преку медиумски написи.

„Го повикувам Жан Митрев нека отиде кај обвинител и нека поднесе кривична пријава ако смее, па да одговара по Кривичен закон за лажно пријавување. Не го прават тоа затоа што знаат дека лажат и дека ќе одговараат. Затоа ме клеветат јавно, знаејќи дека вака ќе ги тужам само за клевета“,кажа Филипче.

Лидерот на СДСМ рече оти токму ова е причината зошто власта не сака реформирано правосудство по европски стандарди, оти на тој начин не ќе може непречено да пласира вакви конструкции и лаги. Филипче говореше и за сите напади со кои се соочил во изминатиот период, оценувајќи ги како обид за негова целосна дехуманизација и дискредитација.

„Ме поврзуваа со Дубаи, со згради од 42 спрата, со визи, Венеција, Сент Морис… Пред некој ден ме споредија дури и со Џим Џонс, убиец на 300 деца. Вчера отидоа дотаму, преку Жан Митрев, да ме обвинат за рекет. Претераа. Што ќе смислат следно? Дека сум силувач или убиец? Доста е веќе“,рече тој.

Со спроведувањето на оваа црна кампања, според него, се прави дефокус од катастрофалните резултати на Владата и реалните проблеми на граѓаните и посочи дека Македонија се движи кон изолација и добивање на статус на земја од трет свет. Дополнително, најави и оти ќе продолжат да објавуваат и нови документи кои треба да покажат како преку државниот апарат се испумпуваат пари за партиски цели.

„Видовме колку луѓе биле исплаќани преку Лотарија. Следат списоци од скоро сите министерства, и за одбрана, и за надворешни работи. Ќе видите каков скандал е тоа, за луѓе кои се исплаќаат за да ги поддржуваат преку јавните мрежи“,заклучи лидерот на СДСМ.

Слични објави