Уапсен уште еден Србин во Косово, денеска напладне е закажан протестен марш

Во Општината Лепосавиќ на северот на Косово во утринските часови денеска е уапсен уште еден Србин со иницијали У.В., јавија српските медиумите.

Тој е уапсен веднаш откако излегол од својата куќа и полицијата потоа го однела со возило во правец кон Приштина. Косовските власти соопштија дека станува збор за лице осомничено за вмешаност во нападот на новинарската екипа на РТК во петокот.

По апсењето, како што јави РТС, засилено е присуството на КФОР околу Лепосавиќ. Во петокот уште еден Србин од Косово беше уапсен за овој случај.

Апсењето утрово е уште еден од низата настани кои изминатиот период ги креваат тензиите меѓу Белград и Приштина. Во саботата српската страна обвини дека косовски специјалци во Житковац кај Звечан претепале две српски деца на возраст од 15 и 17 години.

Од тие причини, Србите на северот на Косово за денеска закажаа протестен марш. Почетокот на собирот е закажан за 13 часот во Косовска Митровица.

Слични објави