Вработените во судската администрација на протест уште еднаш ги повторија нивните барањата за зголемување на платите за 30% наместо договорените 10%. Преставниците на денешниот протест побараа 25% додаток на плата велејќи дека револтирани се и од односот на Министерството за правда кон нивните барања.
-Многу револтирачки е што се работи за наши средства. Затоа да ја појаснам нашата позиција и тоа само во еден сегмент, односно на нашите барања со уделот на нашата работа во буџетот на Република Северна Македонија ќе ви ја илустрирам со бројка – работата на Кривичен суд, и тоа за наплата на паушална сметка на судот. Во период од 1.1.2023 година до денес наплатени се 13 милиони денари за паушал, за 12 месеци тоа би било износ од 39 милиони денари од паушал. Наплата за такси за уверенија на сметка на буџет на неосудуваност и забрана на дејност во период од 1.1.2023 до денес наплатени се 9.420.000 денари, за 2022 година на сметка на буџетот уверенија наплатени се 16.232.000 денари. Со правосилни одлуки во 2022 година за парични казни во буџетот од Кривичен суд се издвоени 82.597.000 денари, кажа Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска администрација.
Со транспаренти со натписи „Европски плати за нас и за вас“ околу стотина вработени во судската администрација и членови на Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) и Независен синдикат на судска служба, кој функционира во негов состав, денеска излегоа на протест пред Владата и Министерството за правда во Скопје за да го изразат незадоволството поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.
Од Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) на денешниот протест уште еднаш укажаа на неопходните реформи во судската власт и независен судски буџет.