Речиси една третина од 18-годишните жени во Јапонија можеби никогаш нема да имаат деца, објави денеска владин институт. Националниот институт за демографски истражувања (ИПСС) процени дека 33,4 отсто од жените родени во 2005 година би можеле да бидат без деца. Според најоптимистичкото сценарио, 24,6 отсто од жените би останале без деца, а според најлошото 42 отсто.
Премиерот Фумио Кишида во јуни вети дека ќе се обиде да ја реши демографската криза со мерки без преседан, вклучително и повисоки бенефиции за семејствата со три или повеќе деца.
Истражувањето на Kyodo News објавено кратко потоа, сепак, покажа дека околу две третини од граѓаните не се надеваат дека овие политики ќе бидат ефективни.
„Со оглед на зголемените трошоци за живот, мислам дека луѓето мислат дека не можат да си дозволат деца или не можат лесно да одлучат да имаат деца“, изјави 23-годишната Ана Танака.
Бројот на деца во Јапонија опаѓа повеќе од четири децении, бидејќи луѓето стануваат помалку склони да се венчаат и да станат родители и се позагрижени за своите финансии, покажува истражувањето.
Директорот за демографско истражување на ИПСС Михо Ивасав рече дека луѓето многу доцна влегуваат во бракови што доведува до пониска стапка на наталитет.
Според владините податоци, во 2020 година, жените првпат се венчале на просечна возраст од 29,4 години или 3,9 години подоцна отколку во 1985 година. Бракот склучен во доцните 30-ти години често резултира со само едно дете, рече Ивасава.
Тој тренд може да предизвика маѓепсан круг на помалку млади луѓе подоцна да имаат помалку деца, рече Такуја Хошино, виш економист во Институтот за истражување на животот Даи-ичи.
Бидејќи луѓето имаат помалку деца, тие можат да потрошат повеќе за секое дете отколку семејствата во минатото. Тоа ги зголемува просечните трошоци за одгледување деца и одвраќа некои луѓе од родителството, рече тој.
Школарината на приватните универзитети скокна пет пати од 1975 до 2021 година и 19 пати на државните универзитети.
„Нема една, единствена причина за падот на наталитетот“, рече Ивасава.
Во 2020 година, Јапонија имаше 126,15 милиони жители, а до 2070 година оваа бројка може да се намали на само 87 милиони, според ИПСС.