Со перформансот ,,110 години од Букурешт” продлжи проектот „Еден поинаков историски час”

Синоќа на летната сцена Тумбе кафе продолжи низата активности кои се составен дел од проектот ,,Еден поинаков историски час”. Присутната публика имаше можност да го проследи перформансот ,,110 години од Букурешт”, на кој зедоа учество членовите од детскиот театар Бабец-Битола, женската младинска група при КУД Илинден-Битола, а настанот го збогати со свој музички настап Николче Зацески и младата виолинистка Теодора Кулевска. Низ историската прошетка присутните ги водеше м-р Александар Јаневски.

Овој час беше само еден од низата на часови кои во изминатиот период беа реализирани во рамките на Битфест 2023 година. Во претходниот период битолската јавност можеше да ја посети ликовната изложба која беше поставена во КИЦ-БИТОЛА, а беше подготвена од младите ликовни таленти, кои твореа инспирирани од делото ,,Исповед на еден македонски четник” на Алберт Сониксен.

На 1.8.2023 година на малото плато пред Офицерскиот дом, во чест на 120 години од Илинденското востание, се реализира музичко-сценски рецитал ,,македонски поетски времеплов”, додека кино Манаки беше домаќин на час во кој водени од љубовта кон Битола и желбата таа да се негува од најмала возраст, најмладите битолчани имаа можност да се запознаат со најзначајните митови и легенди, кои беа надополнети со кратка историја за Битола, почнувајќи од најдалечното минато па до денес. Проектот е поддржан од Општина Битола.

Слични објави