Во Србија утрово целосно е запрен железничкиот сообраќај, само неколку часа пред големиот студентски и граѓански антивладин протест што денеска треба да се одржи на плоштадот „Славија“ во Белград. Државната компанија „Србијавоз“ соопшти дека од 4:15 часот е прекинат сообраќајот на сите возови во земјата, без да понуди какво било објаснување за причините за ова.
Според дел од српските медиуми, илјадници граѓани и студенти од сите српски градови планирале денеска да отпатуваат за Белград токму со воз, за да учествуваат на протестот под слоганот „Ти и ја – Славија“.
„Данас“ пишува дека вакви прекини на железничкиот сообраќај веќе станале вообичаена појава пред големи студентски собири, а опозициски претставници тврдат дека мерката е насочена кон спречување на масовноста на протестот.
Во дел од медиумите и на социјалните мрежи се појавија информации дека причина за прекинот можеби се дојави за бомби, но официјална потврда за тоа засега нема. „Србијавоз“ само ги упати патниците да ги следат информациите на официјалната интернет-страница.
Белград уште од раните утрински часови е во знакот на собирот против власта на Александар Вучиќ, а организаторите очекуваат масовен одѕив на граѓани од цела Србија.