Нов скандал со безбедносните служби е на повидок. Јавно се објавени сомнежи за незаконско именување на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Дали директорот на БЈБ, Александар Јанев не ги исполнува условите за функцијата?“ праша денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според информации објавени во дел од медиумите, „поднесена е анонимна претставка до ДКСК поради основани сомнежи за незаконитост на дипломата за магистерски студии на Јанев, на Универзитетот Скопје“.
„Оваа диплома е меѓу основните законски услови за да може да биде назначен за директор на БЈБ. Како што е објавено, во неговата официјална биографија објавена на страната на МВР нема точен датум на стекнување на звањето магистер. Дополнително, ниту на сајтот на Универзитетот Скопје нема никакви податоци за јавна одбрана на магистерски труд. Не може да се најде ниту запис во електронските системи на универзитетот или Министерството за образование за проверка на плагијат. Сето ова е законски задолжително“ рече Кузеска.
Таа вели дека „Според Законот за научноистражувачка дејност, секој магистерски труд мора најмалку 30 дена пред одбраната да биде внесен во системот за проверка на плагијати“.
Јанев бил именуван на 28.6.2024 година.
Од СДСМ прашуваат „Дали е точно дека системот не функцонирал токму во тој период? Овие сомнежи и овој случај отвора сериозни прашања кои мора да бидат одговорени:
- Дали Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело на БЈБ избрале човек кој не ги исполнува законските услови?
- Дали станува збор за фалсификување документи заради партиски интереси?
- Зошто МВР молчи за овие јавно објавени сомнежи?“.
СДСМ бара одговори на овие прашања и итна истрага од Јавното обвинителство.