Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска побара министерот за спорт да си поднесе оставка од министерската функција. Причина за тоа, како што велат од опозицијата, е не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт.
„Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19. век пред очите на меѓународната спортска јавност. Резилот со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата“, велат од СДСМ.
Оваа реакција на партијата следи откако денеска министерот за спорт во интеервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), коментирајќи ги обвинувањата за лошата организација на Европските младински олимписки фестивал (ЕМОФ) рече дека Министерството со кое раководи не било организатор на настанот, туку само логистичка поддршка, како и оти тој лично побарал оваа Олимпијада да не се одржува во земјава или, пак да се редуцира бројот на спортисти-учесници.