Барањето за линеарно, а не процентуално зголемување е неиздржано затоа што пензијата е економска категорија вели во разговор за „Локално“ универзитетскиот професор и член на Партијата на пензионери, Темелко Ристески. Објаснува дека е осигурување за кое што граѓанинот плаќа односно му запираат одреден износ на име на придонес за пензиско и инвалидско осигурување.
Граѓанинот плаќа негови пари во зависност од висината на платата и толку и треба да добие во форма на пензија. Изедначувањето на пензиите не е во согласност со уставното право на заштита на правото на сопственост. Парите што странката ги дава во Фондот – тоа се мои пари. Не смееме да одиме во поглед на изедначувања, истакнува Ристески.
Ристески смета дека на прв поглед звучи правично, но не е правично тој што вложувал повеќе да добие исто со оној кој што заработувал помалку. Дециден е дека со оглед на економскиот карактер на осигурувањето не се издржани барањата.
За побараната сума од 3500 денари од пензионер, соговорникот вели дека е премногу.
3500 денари е огромна пара. Замислете кој издаток е тоа за Фондот да даде на сите по 3500 денари. Не очекувам толкаво зголемување, туку нешто за 1000 денари помалку, вели Ристески.
Инаку Ристевски е познат на јавноста по неговиот „Извештај за извршената работа“ доставен до Државниот секретар во Министерството за одбрана, каде бил ангажирал со договор на дело, во кој тој објаснува колку и какви статуси објавил за поддршка на власта.