Обвинителството денеска во судница презентираше вешт наод и мислење во кое еден психолог и еден психијатар како вешти лица утврдиле јасна и директна причинско-последична врска меѓу долготрајното семејно насилство на Стојанче Јовановски и психичката состојба на сега починатата Ивана, чиј живот заврши на 2 март годинава со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе заедно со животот на шестгодишната Катја.
Обвинителството денеска презентираше две видеоснимки од периодот кога Стојанче Јовановски заедно со Мартин Саздов и Ивана пристигнуваат кај Кривичниот суд со возилото на Саздов критичниот ден на 2 март околу 11 часот и 30 минути. Тоа е два часа пред самоубиството. На снимките се гледа како обвинетиот Јовановски гестикулира со рацете, вика и ѝ објаснува нешто и ја удира Ивана со шлаканица по левата страна од лицето. Камерата што го снимила инцидентот е од катната гаража „Судска палата“, а присутен на настанот бил и Мартин Саздов, како што можеше да се види од снимката. Регистрирано е и дека Ивана се јавува на телефон да повика полиција. Полицијата доаѓа на местото во делокругот на судовите, разговара со Мартин, со Ивана и со Стојанче. По разговорот, потпишуваат некакви документи и сите си заминуваат. Стојанче ѝ се смее на Ивана откако полицајците го напуштаат просторот, сите тројца влегуваат во возилото и заминуваат од судот.
Презентирана беше и втора снимка во близина на судот, каде Ивана пак повикува полиција. Податоците извлечени од мобилниот телефон на Стојанче Јовановски не беа презентирани во судница, но беа доставени во судските докази против него од страна на Обвинителството. Доставен беше и договорот за дар на станот, обдукциските извештаи, извештаи од Центарот за социјални работи Скопје, документација од Клиниката за дигестивна хирургија, извештаи од претресот на станот итн.